Првото рочиште за смртта на 20-годишниот член на навивачката група Комити, Никола Саздовски ќе започне на 9 ноември, а процесот ќе го води судијката Даниела Алексовска Стефановски, информираа денеска од Основниот суд Скопје 1 Скопје.
Саздовски на 29 јуни беше претепан на автобуската станица во автокоманда,а по десетина дена борба за живот, тој почина на КАРИЛ. Неговата смрт предизвика протести со осуда и барање правда. Саздовски бил претепан со боксови и клоци по главата и градите, а откако паднал на земја и изгубил свест, напаѓачите продолжиле со ударите. Обвинети, за смртта на Саздовски се Бесир Б. и Скендер Р.
Основното јавно обвинителство Скопје, изврши преквалификација на кривичното дело за смртта на Саздовски откако првичната квалификација наиде на бурни реакции од јавноста.
Имено, наместо за кривично дело Насилство од член 386 став 6 во врска со став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик, против тројцата осомничени ќе се води истражна постапка за кривично дело Убиство извршено на свиреп начин од член 123 став 2 точка 1 од Кривичниот законик.
Виктор Јованов