Во Брисел со посредство на шефицата на европската дипломатија Кетрин Ештон се оджрува историска средба меѓу претседателите на Србија и на Косово, Томислав Николиќ и Атифете Јахјага.
Како што јави дописникот на МИА од Брисел, средбата е историска затоа што е прва на највисоко ниво меѓу земјата од чија територија настана најновата европска држава, а по воените судири, бомбардирањето од НАТО и одбивањето за меѓусебно признавање.
Европската унија, по чие инсистирање веќе одреден период трае дијалогот Белград-Приштина, а кој е издигнат и на премиерско ниво, сега ги спои претседателите на двете држави.
Според портпарол на Ештон, Маја Коцијанчич, оваа средба е во контекст на напорите за нормализација на односите меѓу двете страна и тоа во принцип ќе биде главна тема на денешниот разговор.
– За ЕУ, овој состанокот е многу важен и има симболичко значење, при што од него може да излезе и некаква порака, потенцира Коцијанчич.
Иако Ештон е таа што како домаќин обично ги поставува темите на разговор, претседателот на Србија во европската престолнина дојде со платформата за Косово што по негов предлог неодамна ја усвои српскиот Парламент.
Она што е интересно од овој состанок е што не е дозволено никакво снимање, ниту заедничка или издвоена прес-конференција на некој од учесниците. Николиќ и Јахјага најавија дека тоа ќе го сторат само за медиумите од нивните земји. Единствено официјално е најавено дека Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС) ќе објави соопштение и фотографии по средбата.
Сепак, она што е најважно за Европската унија е што со седнувањето на иста маса на двајцата претседатели, на еден начин доаѓа до неформално признавање меѓу двете држави, што српската страна не сака да го признае.