Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, се обрати на првата конференција за е-трговија што денеска се одржува во Скопје. Темата на конференцијата е: „Е-трговија: за е-иднина за е-Македонија“
Министерот Манчевски се осврна на важноста од е-трговија и обезбедувањето на е-услуги, како основа за дигитализација на Македонија.
„Владата, сака да го трансформира односот меѓу граѓаните и државата пренесувајќи повеќе моќ во рацете на граѓаните. Наша политика е институциите да се приспособат на потребите на граѓаните. Во таа насока, во тек се завршните активности за лансирање на нов национален портал е-услуги, како и централен електронски регистар на население. Порталот ќе обезбеди побрзи и поедноставни услуги и ќе биде единствена точка на контакт на државата со граѓаните и бизнисите. Она што е особено важно да се знае е дека обезбедивме законска можност за пристап и на приватните компании до електронскиот регистар на население. Во Македонија нема повеќе да постојат различни бази на податоци, туку една и единствена база за сите граѓани, која ќе биде основата на нивниот електронски идентитет. Очекувам дека новиот портал и регистарот, значително ќе влијаат на свеста, но и на довербата на граѓаните за добивање на услиги, но и за трговија по електронски пат“, информираше министерот Манчевски.
Во процесот на електронско комуницирање со институциите, бизнисите…граѓаните мора да имаат доверба дека нивните податоци ќе бидат безбедни и нема да бидат злоупотребени. Како што истакна министерот Манчевски, тука Владата и МИОА имаат обврска да обезбедат сигурен интернет простор.
„Во тој контекст посветено работевме на Стратегијата за сајбер безбедност, а веќе сме во завршна фаза на финализирање на Акцискиот план за сајбер безбедност. Овие документи предвидуваат континуирани мерки наменети за заштита не само на институциите, туку и за бизнисите и граѓаните. Се наоѓаме во завршна на изработка на Националниот план за широкопојасен интернет. Го завршивме мапирањето на државните електронските комуникациски мрежи, при што точно ги определивме т.н. „белите” зони, односно зоните каде нема инфраструктура. Ова се подрачја во кои во иднина ќе треба да се вложат јавни средства за нивно покривање. Граѓанскиот и бизнис секторот се вклучени и ќе бидат вклучени во овој процес, а имплементацијата на инфраструктурата ќе почне од 2019 година.
Владата, но и јас лично како министер, се залагаме и подржуваме иницијативи кои своите темели ги градат на принципите на транспарентност, отчетност, отвореност и инклузивност“, рече министерот Манчевски.
Конференцијата ја организираше Асоцијацијата за е-трговија на Македонија, а покрај министерот Манчевски во официјалното отворање се обратија претседателката на АЕТМ, Нина Ангеловска, директорот на Фондот за иновации и технолошки развој, Јован Деспотовски и Вања Манова, Менаџер за Бугарија и Македонија во Mastercard.