Во завршна фаза се активностите за креирање стабилен и одржлив систем на финансирање на општините преку преиспитување на начинот на пресметување на блок дотациите.
За ова денеска информираше заменик-министерот за локална самоуправа Дејан Павлески при неговата посета на општините Кавадарци, Росоман и Демир Капија.
На состаноците што ги имаше Павлески во овие три општини присуствуваа и експерти кои во координација на Министерството за локална самоуправа работат на ревидирање на методологијата за пресметување на блок дотациите со коишто се финансираат училиштата, детските градинки, установите од областа на културата и противпожарната заштита во општините.
– За експертите беше особено важно да се чуе искуството на градоначалниците и на општинската администрација во управувањето со јавните финансии во смисла кои елементи од системот на локално финансирање се најмалку стабилни и предвидливи и дали сегашниот систем на блок дотации и начинот на нивно пресметување ги задоволува потребите или пак пројавува недоволност, наведуваат од Министерството за локална самоуправа.
Заменик-министерот Павлески истакнал дека целиот процес е транспарентен и инклузивен и оти во него се вклучени локалните власти и администрацијата во општините. Посочил дека Владата работи на подобрување на финансиската стабилност и на развојот на општините и оти во таа насока е и предлог-законското решение со кое на општините им се ставаат на располагање три милијарди денари неповратни средства обезбедени со ребалансот на буџетот за покривање на заостанатите долгови.
Со денешните состаноци привршува процесот на консултација во којшто беа вклучени и општините Чаир, Илинден, Арачиново, Куманово, Битола и Град Скопје, а ќе биде заокружен со организирање тркалезна маса со цел да бидат вклучени сите релевантни субјекти во подготовката на Анализата на функционалноста на постојната методологија за пресметување на блок дотациите. Од страна на експертскиот тим ќе биде подготвена и компаративна анализа со искуства од Велика Британија, Данска, Словенија, Полска и Шведска со цел да се предложат три модели за подобро финансирање и функционалност на општините во областите коишто преку блок дотации се финансираат со средства од централниот буџет.