Големи редици луѓе од изутринава се формираа пред зградата на грчкото министерство за земјоделство во Атина, каде производителите и трговците бесплатно поделија 50 тони овошје и зеленчук на невработени, семејства со повеќе деца и пензионери.
Иницијативата на фармерите е во знак на протест против високите трошоци за производство на земјоделски производи, пишува весникот „Етнос“.
Земјоделците делат и летоци со нивните барања. Од минатата недела земјоделците во Грција се излезени на видни места и се на готовност да ги блокираат со трактори главните патишта во земјата. Тие бараат повеќе субвенции за намалување на цените на горивата и исплата за надминато производство.
Грчките земјоделци најавија дека од 12 до 13 часот ќе го блокираат движењето на автопатот меѓу Атина и Солун во реонот на Фтиотида и Беотија во централниот дел на земјата, а од 14 до 15 часот ќе бидат блокирани патиштата во реонот на Александруполи, Драма, Северна Грција.