Во депото на Центарот за култура „Марко Цепенков“ денеска ќе биде отворена изложбата „ДЛУП Совреме(н)“.
Станува збор за групна изложба на дванаесет уметници – членови на Друштвото на ликовни уметници на Прилеп.
Со своите дела на публиката ќе и се претстават: Христина Мазнеска, Ивана Секулоска, Методија Јорданоски, Василка Боцеска, Дарко Талески, Зоран Кочоски, Павлина Илијеска, Викторија Димеска, Владимир Здравески, Елена Димоска, Давид Атанасоски и Јасмина Руневска Тодоровска, како и уметниците Мо Марија од Бејрут и Габриела Мулер од Португалија која живее и работи во Берлин.
Акцентот на оваа групна изложба е ставен на дигиталната уметност, односно, најзастапени форми се видеото и фотографијата, но исто така ќе има и објекти во простор и звучни инсталации.
Претседателката на Друштвото на ликовните уметници на Прилеп Јасмина Руневска Тодоровска наведе дека, идејата на изложбата е да ги промовира прилепските уметници кои работат во различни техники и форми, како и да се поместат очекувањата на прилепската публика, која сѐ уште е навикната да посетува покласични и традиционални изложби.