Членовите на британскиот парламент денеска со големо мнозинство гласови усвоија нацрт закон, кој предвидува легализација на истополовите бракови во 2014 година.
Британските парламентарци со 400 гласа за и 175 против го поддржаа нацрт-законот, според кој двојките од ист пол, имаат можност да склопат граѓански и црковен брак, под услов верските институции да се согласат со него, пренесе Ројтерс.
Нацрт законот мора да помине уште неколку инстанци пред да стапи во сила, но откри раздор во владејачката Конзервативна партија, предводена од премиерот на Британија, Дејвид Камерон, бидејќи во парламентот некои конзервативци го поддржаа предлогот, а други беа против.
Велика Британија е на пат да стане единаесеттата земјата која би ги легализирала хомосексуалните бракови. Лицата од ист пол во таа држава, од 2005 година имаат право да живеат во вонбрачна заедница.