Два ката се реновирани на Универзитетската клиника за дигестивна хирургија, заменети се прозорците и влезните врати во собите, поставена е нова влезна врата на сензор и извршена е комплетна замена на таванот. Реновирани се и сите тоалети, има нови санитарии, напрaвени се нови пултови, а поставени се и нови држачи во ходниците.
Ова го соопшти Министерството за здравство од каде посочуваат дека со реновирањето Клиниката за дигестивна хирургија добила нов изглед со што значително се подигнати стандардите за лекување и третман на пациентите во оваа јавна здравствена установа.
Реновирањето, како што се наведува, е извршено со помош на Јапонската амбасада, но и со донации од општествено одговорни компании и лица.
По тој повод, министерот за здравство Венко Филипче денеска ја посети Клиниката за дигестивна хирургија, а директорот Зоран Караџов му ги презентираше сите новини на одделенијата. Оваа Клиника е успешен пример како со добро менаџирање и заедничка соработка, може да се унапредат условите за престој и третман на пациентите, истакнуваат од Министерството за здравство.