Крушево со рози се сеќава на Тоше Проески

Од:

Крушево и Македонија денеска се сеќава на Тоше Проески. Единаесет години откако на 16 октомври 2007 година нашата најголема музичка ѕвезда во сообраќајна несреќа го загуби животот кај Нова Градишка, Хрватска, 12-те македонски маратонци, од речиси сите градови на земјава точно напладне пристигнаа во родното Крушево на Тоше Проески за да му оддадат почит.

За прв пат низ улиците на градот, па се до Гумење на вечното почивалиште на Тоше, маратонците беа пречекани со црвени ружи. Околу 600 ружи крушевчани оставија на патот низ кој поминуваа маратонците.

На Гумење бројни фанови на Тоше, не само од Македонија, туку и од Балканот, се сеќаваа на Тоше и ги пееја неговите песни.

Маратонецот Наум Капричевски вели дека поминале 420 километри низ Хрватска и низ Македонија да стигнат во Крушево на гумење. И се во чест на Тоше.

– Еве не по 11-ти пат со ултра маратонот во чест на нашата најголема и балканска поп икона Тоше Проески. 12-те маратонци истрчаа преку 420 километри од пред споменикот во Нова Градишка во Хрватска, преку Хрватска, низ Македонија (повеќе од четири години не се трча низ Србија) до Крушево. Потрбни ни беа нешто повеќе од 43 часа. Од Нова Градишка бевме испратени од градските власти, од фановите на Тоше. На стартот имаше дојдено фанови од Загреб кои не бодреа, се дружеа со нас, ни посакаа среќен пат и да собираме сила за в година, рече Капричевски.

За прв пат годинава со велосипеди од Нова Градишка до Крушево возеа тројца велосипедисти од Кавадарци, во чест на Тоше. Тони Стефанов и Драган Јованов од кавадаречкиот клуб „Тиквешки точакџии“ велат дека ова ќе стане традиција.

– Ова ни е прва година и голема е честа. Возевме од Нова Градишка до Хрватска и ова ќе стане традиција, за нашиот Тоше. Поминавме околу 930 километри. Возиме тројца, а еден е логистичка поддршка, вели Стефанов.

– Ова е тажен момент. Зборовите се претешки, но природата е неумолива. Тука сме да ги негуваме и да ги чуваме делата што Тоше ни ги остави, сеќавањата за него. Да ја користиме секоја пригода да ги запознаваме и помладите кој бил Тоше и што оставил за нас. На тој начин, неговата ѕвезда на небото подолго да сјае, рече Јованов.

За крушевскиот градоначалник Томе Христоски годинава поинаку, со рози за Тоше, неговиот роден град, Крушево, се сеќава на својот омилен сограѓанин. Во меѓувреме, во тек се работите на проектот за изградба на спомен обележјето за Тоше на неговото вечно почивалшите на Гумење за што, на иницијатива на Крушево Владата издвои одвои 150.000 евра. Работите треба да почнат напролет.

– Имавме во почетокот правни проблеми, се надминаа, сега работиме на изработката на идејното решение и на проектната документација. Ќе биде транспарентно и очекуваме напролет, во 2019 година да почниме со реализацијата на споменобележјето. ќе се прошири опфатот на гробното место. Крушевчани ги пречекаа денеска достоинствено маратонците, велосипедистите, сите франови на Тоше од цел Балкан, онака како што тој широко ги пречекуваше сите, вели Христоски.

Андреј Николоски, претседател на фондацијата „Тодор Проески“ најавува голем музички настан – концертот на 2 ноември во Скопје каде ќе биде промовиран англискиот албум на Тоше „Тајно место“.

– На втори ноември тоа ќе биде голем интернационален настан. ќе учествуваат музички ѕвезди од Балканот. Фановите на Тоше ќе имаат прилика да ги погледнат трите нови видео-спортови, изработени во Македонија и ќе биде промовиран новиот англиски албум што се изгработи во студиото на Енди Рајт во велика Британија. Насловен е на англиски („ Сикрет плејс“), што на македонски значи „Тајно место“. На тој албум се десет нови песни, изјави Николоски.

Спомен-куќата на Тоше Проески на Гумење во Крушево и денеска беше средиште на средба на фанови од сите страни. Имаа можност да се фотографираат и пред новата фотографија во природна големина на Тоше Проески. Во спомен-куќата се одржува и работилница и според Елена Мирчевска, директор на овој музеј, од 2011 година кога е отворен, досега го посетиле околу 650.000 гости од сите страни.

– Секогаш доаѓаат посетители од секаде. И денеска е така. Дојдоа од Македонија, од Хрватска, Босна и Херцеговина, од Србија, Бугарија, од Русија, Чешка, Словачка, па дури стигна и еден автобус туристи од Тајланд кои, веќе знаеја за Тоше. За првпат го изложивме паното со фотографија на Тоше во природна големина, проект во склоп на годишната програма на Министерството за култура. Денеска има и креативна работилница на здружението „Зур“ кое тематски изработува дела поврзани со спомен-куќата и со Тоше. Инаку, со околу 650.000 посетители откако е отворен музејот влегуваме во плејадата атрактивни музеи на овие простори, изјави Мирчевска.

Фановите на Тоше од Балканот дојдоа пак да му оддадат почит, но и да нагласат дека не го забораваат.

– Доаѓам уште од 2008 година и доаѓам над 30 пати, за секој датум и роденден на Тоше. Чувствата се како и првиот ден. Сеќавањето останува засекогаш, вели Сања Ладавац од Пула, Хрватска.

– Доаѓам од Русија. Прв пат уште во 2012 година. Тоше е љубов, вели Наташа Кандрашова.

– Доаѓам од Бугарија и не само за 16 октомври или за 25 јануари. Тука сум зашто го сакам Тоше и го чуваме споменот за него. Тоше е пример и за младите и за старите, вели Елеонора Василева од Бугарија.

– Јас имама роденден на 25 јануари, како Тоше. Тогаш малку се радувам, малку плачам. Но, сакам да бидам радосна за него. Тоше за мене е се. Ме научи да бидам она што сум денеска, вели Радица Иванова од Бугарија.

Би можело да ве интересира

Во Крушево маратонците и обожавателите одбележаа 17 години без Тоше Проески

Седумнаесет години без Тоше Проески

Тринаесет маратонци ќе трчаат од Нова Градишка до Крушево на 17. ултра маратон за Тоше Проески

(ВИДЕО) Параглајдеристот кој имаше несреќа во Крушево заминува дома

Повреден параглајдерист во Крушево, се пренесува со полициски хеликоптер

Крушево: Отворена манифестацијата „10 дена Крушевска Република“