Денес претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери оствари средба со делегација на Федерацијата за светски мир и љубов (FOWPAL) предводена од Ши Хо Хонг.
Џафери им посака добредојде на гостите и успешна посета во Република Македонија. Тој ги запозна гостите со надлежностите на Собранието, со тековните активности и дебатата за уставните измени кои произлегуваат од потпишувањето на Договорот со Грција, а во насока на исполнување на условите за полноправното членство на Република Македонија во НАТО и во ЕУ, што ќе значи не само сигурност, просперитет и безбедност за земјата, туку и за регионот.
Претседателот на Собранието ги информираше гостите за активната соработка на Собранието со многу светски организации за мир, а во таа насока го потенцираше и одржувањето на Церемонијата за врачување на Орденот за мир на Балканскиот форум за мир, која ќе се одржи во Собранието на Република Македонија на 24 октомври 2018 година.
Гостите изразија благодарност за средбата и му честитаа на претседателот Џафери за титулата Амбасадор на мирот која ја доби во 2017 година во Приштина од Балканскиот форум за мир. Д-р Хонг нагласи дека, секогаш е задоволство да се слушне дека институциите, како темел на секоја држава активно работат и придонесуваат за одржување и ширење на мирот. Дополнително, г. Хонг го запозна претседателот и со активностите на Федерацијата која што е формирана во Калифорнија во 2000 година, и нагласи дека културната размена и образованието, како и добриот збор и заемното почитување меѓу луѓето се најдобрите методи за ширење на љубовта и мирот во светот, а со тоа и за пораст на економијата и благосостојбата на народите.
На крајот на средбата, Федерацијата за светски мир и љубов (FOWPAL) му врачи на претседателот на Собранието Сертификат за мир и клуч на FOWPAL.