Република Македонија се наоѓа во многу чувствителна и сериозна политичка фаза, а која се однесува на иднината на нашата држава, и покрај тоа што политичката ситуација е тесно поврзана и со уставните промени што би го отвориле патот кон НАТО и ЕУ-интеграциите. Како што изгледа, власта заборава да се грижи за секојдневниот животот на граѓаните, кои секојдневно се соочуваат со поскапување на цените, економска блокада, разновидни проблеми во образование и здравство, како и најголемиот проблем- заминување на младите надвор од државата, беше истакнато на прес-конференција на Движењето Беса на Билал Касами.
Според партијата, сведоци сме дека по којзнае којпат се покачува цената на нафтените деривати, отежнувајќи го повеќе буџетот на граѓаните и на бизнис-секторот.
,,Како за илустрација ви го презентираме растот на цените на нафтените деривати од 2016 до денеска: На почетокот на 2016 година нафтата имала цена 39 денари, во декември 2017 година нафтата достигнала цена од 54.50 денaри, додека денеска цената на нафтата достигнала до цели 69 денари.
Ако сето тоа процентуално се пресметува со почетокот на 2016 година до денеска имаме рекордна стапка од 77% поголема цена. Во услови кога платите на државната администрација, наставниците, лекарите и други се во исти износи, ние слободно може да заклучиме дека политиките на оваа влада се тотално неуспешни и животниот стандард на граѓаните не останал ист, туку се отежнува секојдневно”, велат од партијата.
,,Апелираме до власта да се фокусира и на евроинтеграциите и на секојдневните проблеми на граѓаните, кои од разочареноста и големата сиромаштија единствен спас гледаат во емиграција од своите родни огништа, со намера никогаш да не се вратат.
Исто така, ја повикуваме власта да донесе итни олеснувачки мерки за бизнисите кои како основно средство за трошење ги имаат нафтените деривати, така што со овие олеснувачки мерки да им се помогне на малите и средните бизниси за истите да не доживеат целосен економски колапс, што би довело до зголемување на глобалната бројка на невработеност во земјава, велат од Беса.