Неколку десетици приврзаници на Српската радикална партија (СРС) протестираа денеска во центарот на Белград по повод утрешната средба меѓу претседателите на Србија и на Косово, Томислав Николиќ и Атифете Јахјага.
Тие носеа знамиња и слики со ликот на лидерот на радикалите Воислав Шешељ, кој се наоѓа во Хаг, како и четнички обележја, јавува Анадолија.
На чело на колоната, која е запрена во близина на зградата на Претседателството, функционерите на оваа партија носеле голем транспарент на кој пишувало „Го предаде Воја, сега ќе ја предадеш и својата земја“.
Тие, нарекувајќи го претседателот Николиќ „предавник“, порачаа дека кога тој бил избран за претседател на државата ветил дека ќе го чува територијалниот интегритет на земјата, а сите заклетви досега ги прегазил.
Потпретседателот на СРС Немања Шаровиќ истакна дека актуелната власт е донесена да го направи „она што не смеела ниту Демократската партија (ДС)“.
– Јасно е дека западните газди му ја доделиле на Томислав Николиќ најмрачната улога во српската историја, а тоа е најбрутално предавство на српските национални интереси, нагласи Шаровиќ.
Радикалите го нарекоа Николиќ „велепредавник“, истакнувајќи дека нема да ги прифатат договорите кои ќе ги постигне.
Собирот го обезбедуваа повеќе од стотина полицајци. По получасовниот протест, учесниците мирно си заминаа.