Делата создадени на ликовната колонија „Куманово 2018“ од вечерва ќе бидат претставени во Меморијалниот центар на АСНОМ во Пелинце. Изложбата се реализира под покровителство на Министерството за култура и манифестацијата „Нов културен бран 2018“.
Изложбата, соопштија од Музејот се реализира во соработка на локалната акциска група „АБЕР 2015“, како дел од проектот насловен како „Враќање дома “. – Со презентирањето на изложбата се зокружува идејата на самата манифестација за дисперзирање на културните содржини во локална, рурална средина како и нивна деконцентрација од градските средини. Во таа насока пред жителите на селото Пелинце и околните села ќе бидат изложени повеќе од 25 ликовни дела – слики, работени во различни ликовни техники, кои оваа година во август, на тој простор, ги создадоа ликовните уметници-учесници на ликовната колонија “ Куманово 2018 “, велат организаторите.
Проектот во наредниот период ќе продолжи со проекција на етно-документарни филмови од архивата на НУ Музеј Куманово која ќе се одржи во ООУ „Х. Тодоровски Карпош“, во село Драгоманце.
„Враќање дома“ е проектот дел од активностите на Локалната акциска група „АБЕР 2015“ Куманово, чија цел е да се подигне нивото на свесност кај жителите од руралната општина Старо Нагоричане за богатото културно наследство со кое располага овој регион.