Црна Гора беше и остана инспирација за Македонија кога станува збор за НАТО интеграциите, изјави министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, во интервју за црногорскиот магазин „Партнер.
-Вие покажавте дека, доколку нешто навистина сакате, можете да го мобилизирате целото општество за да ја постигнете целта. Покажавте дека принципот на отворени врати на Алијансата не е само фраза. Знам дека меѓу 29-те земји членки Македонија има големи пријатели и поддржувачи, а Црна Гора несомнено е една од нив, кажа Шекеринска во интервјуто за магазинот, што го објави Министерството за одбрана на Црна Гора.
Меѓусебната поддршка и пријателство меѓу Црна Гора и Македонија се значајни за целиот Балкан, но и за Европа, оцени таа.
Зборувајќи за бенефитите од членството во НАТО македонската министерка истакна дека Црна Гора е „школски пример за тоа дека членството во НАТО позитивно влијае врз државата“.
-Немаме дилема дека тоа прво ќе влијае на безбедноста и стабилноста на македонските граѓани, како и на безбедноста на надворешните граници. Членството во НАТО ќе ја зацементира нашата независност, нашиот суверенитет и територијален интегритет. А безбедните граници и стабилното општество ги поттикнуваат инвестициите, ја придвижуваат економијата, со што зголемува бројот на работни места. Среднорочно, расте и цената на трудот, истакна Шекеринска.