Грчката неофашистичка партија „Златна зора“ воспоставила контакти со германските неонацисти во Баварија, а се обидува да формира и ќелија во јужната германска држава, пишува „Шпигел“.
Според весникот, „Златна зора“ од минатата година почнала да формира ќелија во Нирнберг, па дури неодамна одржала и конференција во јужниот германски град.
Државната агенција за разузнавање на Баварија будно ги следи состаноците меѓу неонацистите од Грција и оние во Баварија.
Организацијата на грчката заедница во Германија ги повикала сите Грци во оваа земја да ги одбијат обидите на неонацистите за промоција на “насилство, нетолеранција и социјален канибализам“.
„Златна зора“ ја предводи Никос Михалолиакос, а партијата повикува на револуција во Грција и „етнички чиста“ нација, потсетува „Шпигел“. Членови на партијата се обвинети за физички напади на имигранти и членови на левичарски партии. Тие, исто така, во имигрантските квартови на Атина редовно организираат заканувачки маршеви, облечен во воени униформи и пеејќи нацистички песни.
Портпаролот на Баварскиот оддел од Сојузната канцеларија за заштита на Уставот, за онлајн изданието на „Шпигел“ изјави дека „Златна зора“ има меѓународна мрежа на контакти и, исто така, контактира и со баварските неонацисти. Овие контакти се одржуваат преку взаемни посети и на состаноците на настаните што ги организираат десничарските екстремисти во Европа.