Министерот задолжен за регулатива за подобрување инвестициска клима за домашни претпријатија Зоран Шапуриќ, вчера беше во работна посета на општина Берово. На средба со градоначалникот на општина Берово Звонко Пеќевски се разговараше за плановите и за проектите на општината за кои таа поднела апликации, односно се подготвува за предпристапните фондови на Европската Унија и другите меѓународни институции, како и Владата на Република Македонија.
Истовремено, тој напомена дека еден од клучните можности за локален економски развој е рестартирање на некогашното Детско одмаралиште покрај Беровското Езеро, кое повеќе од 11 години не е во функција и за кое беа распишани повеќе неуспешни јавни повици, поради превисоката почетна цена за долгорочен закуп и дека сега има заинтересирани инвеститори од странство.
Како што информира кабинетот на министерот Шапуриќ, тој потенцира дека е убеден оти по потпишување на Договорот за добрососедство со Бугарија и по средбите на премиерите Зоран Заев и Бојко Борисов, по повеќе од 20 години ќе биде завршен патот од Бугарската страна и ќе се отвори граничниот премин Клепало во близина на Берово што ќе отвори можности за економски развој на општината.
Шапуриќ и Пеќески заедно ја посетија компанијата Агромакс, каде беа запознаени со работењето на компанијата и плановите за зголемување на нивното производство и извоз. Министерот Шапуриќ потенцираше дека владините мерки за поддршка за домашни инвестиции даваат резултат и дека Владата има цврста определба за интезивирање на порамномерен регионален развој, како и дека се планираат дополнителни мерки за подршка на инвестиции во недоволно развиените подрачја.
Стопанствениците од општината ги изнесоа своите сугестии во иднина Владата да размислува за некои олеснувања за компании од овој крај, слично како што се размислува за компаниите од областа на текстилната и кожарската индустрија.