Во периодот од април до 30 јуни 2018 година пратениците во Собранието биле главни предлагачи на донесените закони, за разлика од претходниот период кога Владата имаше предложено поголем дел од донесените закони, соопшти граѓанската асоцијација МОСТ повикувајќи се на периодичниот извештај од набљудувањето на работата на Собранието на РМ во рамки на проектот на „Индекс на одговорност, транспарентност и продуктивност на Собранието на РМ“.
– 19 закони биле предложени од вкупно 90 пратеници, донесени биле 82 закони предложени од пратеници, и тоа 6 по предлог на вкупно 14 пратеници во овој период на мониторинг и 76 закони предложени во претходниот период на мониторинг, во процедура се 5 закони поднесени од вкупно 77 пратеници, повлечени биле 7 закони предложени од пратеници, а неприфатлив е еден закон предложен од 22 пратеници, се посочува во соопштението од МОСТ.
Во анализираниот период во тек биле вкупно 210 постапки за донесување на закони и тоа: 132 закони се донесени, 27 закони биле во процедура, осум закони се повлечени, еден закон е неприфатлив.
Од донесените 132 закони: 13 се нови закони, 113 се измени на постоечки закони, а шест се ратификации.
– Во периодот од април до 30 јуни 2018 година пратениците се главни предлагачи на закони со 65,1 отсто од донесените закони, за разлика од претходниот период кога 71,4 отсто од донесените закони беа предложени од Владата, 11 закони се донесени по скратена постапка (8,7%), а 115 (91,3%) по редовна постапка, се наведува во извештајот на МОСТ.
Од организацијата оценуваат дека продолжува позитивниот тренд на носење на закони по редовна постапка, започнат во претходно.
– Во набљудуваниот период донесени се шест закони за хармонизација со правото на ЕУ, се посочува во соопштението.
Во периодот 1 април – 30 јуни 2018 година седници одржале 18 од 21 комисија, а нивната работа се анализирала преку три категории транспарентност, квалитет на записници и вклученост на засегнати страни.
– Транспарентноста на работата на комисиите е намалена во однос на усвојувањето на записниците, но е зголемена во однос на објавувањето на извештаите и стенографските белешки од јавните расправи: 5 од 14 комисии кои одржале седници исполниле над 50 отсто од критериумите за транспарентност, објавени се стенографските белешки од три јавни расправи и два извештаи од 11 одржани јавни расправи.
Од МОСТ наведуваат дека квалитетот на записниците е на повисоко ниво во споредба со претходниот период на мониторинг.
– Шест од 10 комисии имаат добиено над 50 индексни поени,
кај две комисии е забележано и водење на усните и писмените предлози, што придонесува за поголем квалитет на записниците,
Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство ги има целосно исполнето сите деловнички критериуми за водење на записник и неунифицираниот начин на водење на записниците, недоволниот квалитет на записниците, техничките и административните ограничувања во Собранието оневозможуваат целосен увид во работата на комисиите, се посочува во периодичниот извештај.
Вклученоста на засегнатите страни во периодот е повисоко, пред се поради поголемиот број на одржани јавни расправи:
– Одржани се шест јавни расправи по предлог-закон и пет јавни расправи на општа тема, бројот на одржани јавни расправи во голема мера го надминува просечниот број на расправи за еден квартал,
за првпат по септември 2016 година одржана е надзорна расправа, организирана од Комисијата за култура и само на три седници биле присутни експерти и граѓански организации како засегнати страни, се посочува во извештајот од МОСТ.
Овој извештај претставува продолжение на проектот „Вклучени граѓани за отворено и транспарентно Собрание“.