Владеачката коалиција во Србија ќе остане, изјавија денеска нејзините лидери, и покрај шпекулациите дека може да закажат предвремени избори, по информациите во медиумите дека премиерот Ивица Дачиќ имал врски со осомничен член на наркомафијата.
Александар Вучиќ, вицепремиер и лидер на најсилната партија во коалицијата Српската напредна партија (СНП), изјави дека неговата партија „ќе продолжи да работи во владата“.
Раководството на СПС се собра денеска за да го разгледа одговорот на објавените извештаи од полициската истрага, според кои, Дачиќ имал контакти со член на моќен нарко картел што бил активен во Србија и Црна Гора.
Дачиќ тврди дека тогаш не бил информиран за врските на овој човек со криминалното подземје и дека извештајот бил објавен за да се дестабилизира владеачката коалиција.
Социјалистичката партија, чиј лидер е Дачиќ, контролира 24 од вкупно 144 места, со кои коалицијата располага во 250-члениот парламент.
Додека Вучиќ ја предводи до овој момент најголемата акција против корупцијата во Србија, откритијата за врски на Дачиќ со организираниот криминал ја отворија темата за распад на коалицијата и свикување предвремени избори само девет месеци по формирањето на владата.
Предвремените избори се чини се веројатни и заради фактот дека популарноста на Вучиќ и Српската напредна партија стрмоглаво нараснаа откако неговите напори против корупцијата беа наградени со апсења, вклучувајќи ги и приведувањето на поранешен министер и на најбогатиот српски бизнисмен.
Вучиќ призна дека изборите ќе бидат од корист за неговата партија, но кажа дека „интересите на државата и народот се поважни“.
-Ќе има избори кога мнозинството од народот побара нова влада, рече тој.