Граѓаните кои минатата година оствариле дополнителен приход, треба до 15 март да поднесат до Управата за јавни приходи Годишна даночна пријава. Годинава се очекува до 200.000 граѓани да ја исполнат оваа обврска, а од Управата апелираат даночните обврзници тоа да го направат навреме за да се избегнат метежите во последните денови.
– Граѓаните имаат доволно време да ја исполнат обврската. Тоа може да го сторат од 1 јануари до 15 март 2013 година и апелираме граѓаните да не го чекаат последниот момент да се создаваат метежи при поднесување и тоа да биде напорно. Досега се поднесени 1.000 пријави, а за граѓаните да ги избегнат метежите достапни се повеќе услуги и начини на кои може да се поднесе ГДП, изјави Весна Новаковиќ од УЈП, додавајќи дека токму затоа оваа година сакаат да дадат акцент на навременото поднесување на ГДП, а и кампањата е под мотото „Бидете во УЈП до 15 март“.
Граѓаните може да ги поднесат Годишните даночни пријави до дирекциите на УЈП, во отворените даночни шалтери, како и мобилните даночни шалтери кои имаат утврден ред каде и кога се наоѓаат. Покрај ова од УЈП очекуваат граѓаните повеќе да ја користат и можноста за електронско поднесување на пријавата која е овозможена од минатата година, а досега ја користат 3.130 обврзници. Обврска за поднесување Годишна даночна пријава имаат сите кои оствариле приходи освен плата, пензија, приходи од земјоделска дејност, самостојна дејност и слично. Граѓаните треба да ги пријават дополнителните приходи од повремено вршење услуги, кирии, авторски договори, дивиденди, камати, игри на среќа и наградни игри, продажба на хартии од вредност, од учество на капитал и недвижен имот и слично.
Годишната даночна пријава не е променета во однос на минатата година, односно и годинава се пријавуваат капиталните добивки, кои, според законски измени, ќе бидат изземени од годишните даночни пријави што ќе се поднесуваат во 2014 година, а ќе се однесуваат за приходи остварени во 2013 година. Исто така, поради одложувањето на оданочувањето на депозитите, и тие не треба да се пријавуваат во Годишната даночна пријава.
Од Управата, покрај до граѓаните, апелираат и до компаниите да ги достават годишните извештаи за исплатени приходи на граѓаните, за да можат физичките лица да ја остварат својата обврска и да поднесат Годишна даночна пријава и да ги пријават приходите. Рокот на компаниите за оваа обврска е до 15-ти овој месец.
Новаковиќ посочувајќи дека од година во година даночната дисциплина и даночната свест во делот на персоналното оданочување се зголемува, рече дека во 2004 година имало поднесено 10.242 годишни даночни пријави, а минатата година 174.030. Пријавени биле 78,3 милијарди денари приходи, при што 5,1 милијарда денари се персонален данок. Најголем дел 84.754 пријави се поднесени во скопската регионала дирекција.
За непријавување на приходите и неподнесување на Годишна даночна пријава законски утврдените санкции се од 500 до 1.000 евра глоба. Mинатата година 33.868 граѓани не ја исполниле обврската да поднесат доброволно Годишна даночна пријава.