Женева: Презентиран напредокот на Македонија, но и проблемите во однос на сексуалното здравје

Од:

Советничката на македонскиот министер за здравство, Симона Атанасова денеска на првата сесија на Меѓународната конференција за население и развој во Женева го презентираше напредокот на Македонија во однос на сексуалното и репродуктивното здравје, јави известувачот на МИА од Женева.

Таа истакна дека Македонија е лидер во регионот во однос на државното финансирање на националниот одговор на ХИВ по повлекување на финансиската поддршка од Глобалниот фонд за борба против СИДА, туберкулоза и маларија.

Атанасова, исто така, како позитивен пример ја наведе заложбата на македонската Влада за обезбедување на барем едно модерно контрацептивно средство на позитивната листа на лекови.

Советничката како трета поента наведе дека македонското Министерство за здравство неодамна го усвои Националниот акциски план за сексуално и репродуктивно здравје, со цел да се подобри достапноста и пристапот до услуги за сексуално и репродуктивно здравје.

Атанасова наведе и дека ресорното Министерство ги препознава граѓанските организации како партнери и клучни чинители во државниот, здравствен и и социјален систем.

Младинскиот делегат од Македонија, Дарио Королија, исто така, денеска се обрати на конференцијата во Женева, осврнувајќи се на проблемите, прашањата и решенијата, кои ги засегаат младите од УНЕЦЕ регионот.

Тој потенцира дека половина од светското население е на возраст под 30 години, но нивната застапеност во парламентите во регионот е многу мала, односно под два процента.

Королија повика на поголема застапеност на младите луѓе во институциите, во нивното вониституционално дејствување, како на национално, така и на меѓународно ниво.

– Потребно е да се креираат и обезбедат повеќе еднакви можности за сите млади и мора да се поддржат нивните иницијативи и идеи… Сите ние мора да работиме за да ја намалиме бројката на запоставените млади. Тие се ранливи поради дискриминација на нивната возраст и нивно непретставување во политичката сфера. Уште полоша е состојбата со младите лица со попреченост, младите кои припаѓаат на етничко или сексуално малцинство или младите од руралните средини, посочи Королија.

Тој во своето обраќање додаде дека ниту едно општество „не смее да дозволи да го загуби гласот на младите или младите да ја загубат вербата во институциите“.

Виктор Дамјановски од Младинската група на меѓународната федерација за планирано семејство (YSAFE) вчера пред почетокот на дводневната конференција во Женева ја претстави втората тема на собирот – Семејство, сексуално и репродуктивно здравје во текот на животот.

Тој во своето обраќање се осврна на проблемите што населението ги има во остварување на своите сексуални и репродуктивни здравје и права, со посебен осврт на маргинализираните заедници и лицата на различна возраст.

Дамјановски обраќањето го заврши со давање препораки за подобрување на состојбите со сексуалните и репродуктивните права во Македонија и регионот.

Во рамки на консултативниот состанок на невладините организации во европскиот регион, по повод одбележувањето на 25 години од ИЦПД, присуствуваше и извршниот директор на Х.Е.Р.А, Бојан Јовановски.

Тој синоќа зборуваше за ретроградните политики и закони во европскиот регион што се однесуваат на делегитимирање на женските права и слободи, како и правата на сексуалните малцинства од аспект на родот и сексуалноста.

Јовановски истакна дека одреден број европски држави имаат ригидни политики, кои се на штета на здравјето и животот на жените во однос на нивното сексуално и репродуктивно здравје.

Тој како примери ги наведе рестриктивните закони за правото на избор на абортус, невоведување сексуално образование, намален пристап до контрацепција, односно високите цени на контрацептивите, забрана за делење контрацепција на младите, како и потребата од рецепт за издавање на итна контрацепција.

Јовановски се осврна и на дискриминацијата и насилството врз припадниците на ЛГБТ заедницата, непризнавање на истополовите бракови, како и нератификување на Истанбулската декларација, поради фактот што голем број земји во Европа не ги признаваат правата на ЛГБТ заедницата, ниту родот, како нешто различно од полот.

Тој потенцира дека невладините организации, кои работат на промоција на сексуалните и репродуктивните права во голем број европски земји, често се мета на напади од страна на конзервативните влади, медиумите, одредени верски заедници, како и од поединци.

Според него, сето ова е резултат на екстремниот ултраконзервативизам и популизам во Европа и светот, појави кои се посебно присутни последните години.

– Х.Е.Р.А и натаму ќе работи на унапредување и подобрување на сексуалните и репродуктивните права во Македонија преку заложби за промена на Законот за абортус, вклучување на контрацепцијата на позитивната листа на лекови, воведување на сексуално образование во училиштата, подобар пристап до специјализирани сервиси за жртви на семејното и родовото насилство, согласно Истанбулската конвенција и Националниот план за сексуално и репродуктивно здравје, што во април беше усвоен од Министерството за здравство, истакна Јовановски за МИА.

Во Женева денеска и утре се одржува Регионална конференција на тема „Овозможувајќи избор: Динамика на населението и одржлив развој“.

Регионалната конференција е во организација на Економската комисија за Европа на Обединети нации (УНЕЦЕ) и Фондот за население на ОН (УНФПА) на која ќе бидат проценети напредокот, а исто така ќе бидат идентификувани недостатоците во спроведување на Акциската програма на ИЦПД во УНЕЦЕ регионот.

Учесниците потенцираа дека луѓето треба да бидат во центарот на развојот, со посебно внимание на човековите права, половата еднаквост, здравството и образованието, посебно осврнувајќи се на образованието на девојчињата.

Тие, исто така, нагласија дека луѓето кои живеат во УНЕЦЕ регионот живеат подолго, имаат поздрав живот и имаат повисоко образование во однос на минатите генерации.

Учесниците се фокусираа и на лицата со попреченост и на нивните права.

На првата сесија од страна на учесниците беше потенцирано влијанието на климатските промени во УНЕЦЕ регионот и емисиите на штетни гасови. Тие се заложија за усвојување на политики за справување со климатските промени.

Би можело да ве интересира

Го претепа кучето со метална шипка по глава само затоа што извршило нужда пред капијата

Предраг Петровиќ

Османи: Гледаме многу загриженост кај Албанците во Македонија во однос на правата стекнати со Охридскиот договор

Намалена видливост поради магла од 80 до 100 метри на планинските превои Стража, Маврово, Плетвар и Ѓавато

Попов: Со новиот буџет има повеќе пари за повисок младински стандард

Алијанса за Албанците: Директорот Мемеди призна дека продолжува да го загрозува здравјето на децата во клиниката

Пресечен транспорт на два килограма кокаин на аеродромот во Скопје

Предраг Петровиќ