Од иницијативата „Бојкотирам“ на својот инстаграм профил во текот на вчерашниот ден, додека траеше гласањето за референдумот поставуваа слики од граѓани како одат на гласање и како гласаат на изборните места иако тоа е спротивно на законот.
Под фотографиите на кои јасно се гледаат лицата на граѓаните кои излегле на гласање пишува „препознај си го комшијата“ и „северџани“ како и името и презимето на еден од гласачите.
Објавувањето фотографии на гласачи е противправно дејство кое го нарушува процесот на гласање и претставува попречување на правото на гласање. Секое сликање или снимање на гласачи при остварување на нивното право, како и какво било попречување на гласањето и процесот на спроведување на референдумот не се дозволиви согласно со закон.
Од комисијата за следење евентуални противправности сторени при организирањето и спроведувањето на референдумот при Јавното обвинителство на РМ непосредно пред изборниот молк известија дека дејствијата од ваков тип во текот на процесот на гласање ќе бидат предмет на приоритетно постапување на обвинителството.
Виктор Јованов