На бесплатната телефонска линија за пријавување нерегуларности и попречување во гласањето, до канцеларијата на Народниот правобранител имало 25 јавувања до 13 часот, изјави Зоран Билбиловски, секретар кај Народниот правобранител.
Осумдесет отсто од јавувањата, како што рече Билбиловски, се од лица кои во периодот од распишување на референдумот до денот на гласањето извршиле обнова на личните карти, односно им престанала важноста. Сите тие лица на кои им завршила важноста на личните карти системот ги брише и тие немаат право да гласаат, појасни Билбиловски.
„Останатите се од Демир Хисар. Едно лице се јавило во име на 100 лица, пациенти кои се наоѓаат во болница и не можат да гласаат. Тоа се случува и во старски домови“, изјави Билбиловски.
Од страна на ДИК се организира да гласаат само за болни и немоќни, а не и за пациенти кои се наоѓаат во болница. Болниците се изземени.
Според информациите, досега има две пријави за агитирање. Во Скопје и Битола се делеле летоци, рече секретарот кај Народниот правобранител.
Сè уште нема податоци за пријави во сите шест канцеларии на Народниот правобранител низ државата, дополни Билбиловски.
Маја Илиевска-Пачемска