Општина Кочани е подготвена за реализирање на јавно-приватно партнерство за искористување на геотермалната вода и од туристички и од медицински аспект, особено поради фактот што Кочанската котлина лежи врз едно од најголемите геотермални лежишта на Балканот.
Ова, меѓу другото, беше истакнато на Петтиот конгрес на Бугарскиот сојуз за бањски и спа-туризам што се одржа во градот Гоце Делчев во Бугарија, а на кој како единствен претставник од Македонија учествуваше делегација од локалната самоуправа на Кочани, предводена од градоначалникот Николчо Илијев.
– Наша заложба е да го искористиме ова вредно природно богатство за медицински, здравствен и спа-туризам, за што ги повикуваме на соработка сите заинтересирани инвеститори од земјата и странство. Пред бугарските колеги ги истакнавме поволните услови што се нудат кај нас, особено што кочанскиот регион има можности за спој на бањскиот и планинскиот туризам, истакна Илијев.
Општина Кочани веќе има изготвено физибилити студија за спа-центар, која покажува дека инвестирањето во ваков објект е економски исплатливо и оправдано, при што проценетата вредност на проектот изнесува 845 илјади евра.
Во документот е предвидено по склучувањето договор за јавно-приватно партнерство меѓу локалната самоуправа и заинтересираниот инвеститор, објектот да биде даден на користење за период од 30 години, а општината да добива надоместок по околу 10 илјади евра годишно.