Тодоров: За пелените на бабата се крена половина држава, за изгорениот автомобил никој не ме побара

Од:

Една недела откако му беше запален автомобилот, архитектот Златко Тодоров вели дека нема трага од сторителите. Со полицијата разговарал само за време на увидот, минатиот четврток, и од тогаш никој дополнително не го побарал за објаснување, па се сомнева дека воопшто не се работи на неговиот случај.

„Од минатата недела ниту некој ме побара за дополнително објаснување ниту да ме информира дали се работи на случајот. Како ништо да не се случило, сè заврши со увидот. За пелените на бабата во ‘Скопјанка’ половина држава се крена на нозе, мирисале, а овде луѓе можеше да изгорат живи, но обвинител сè уште не дојде да побара податоци од мене“, се пожали архитектот Тодоров.

Од Министерството за внатрешни работи, спротивно на тврдењата на Тодоров, велат дека на случајот работат заедно со Обвинителството, но не кажуваат детали.

„Секторот за внатрешни работи Скопје во соработка и координација со Основното јавно обвинителство Скопје презема мерки и активности за расчистување на настанот. По целосно расчистување на случајот, јавноста ќе биде соодветно информирана“, велат од МВР.

Архитектот Тодоров, и покрај таквиот одговор од МВР, вели дека не добил можност пред обвинител да ја образложи можната поврзаност на палењето со неодамнешна судска пресуда во негова корист.

„Ова ме наведува да помислам дека полицијата ги заштитува сторителите оти на делот од улицата каде што беше паркиран автомобилот, може да се стигне исклучиво преку раскрсници обезбедени со камери. Камери има и на некои од околните објекти и верувам дека професионалци во МВР многу лесно може да им влезат во трага на лицата со фантомки, кои соседите забележале како бегаат кога го запалиле автомобилот. Но, како поминуваат деновите, без никаков контакт, кај мене сè повеќе расте сомнежот дека полицијата воопшто ќе го расчисти овој случај“, вели архитектот Тодоров.

Во четвртокот минатата недела во 4 часот утрото запален беше автомобилот на архитектот, паркиран на тротоар на улицата Христо Смирненски, зад Универзалната сала. Од огнот и од експлозијата што се слушнала се скршиле прозорците на куќата пред која бил паркиран, изгорен е компресор на градежна фирма, кој бил на тротоарот до автомобилот, а оштетувања од огнот имаше и кај уште неколку автомобили. Соседите минатата недела сведочеа дека Противпожарната бригада на Скопје спречила огнот да се рашири. Траги од пожарот сè уште има на улицата Христо Смирненски.

Неколку часа пред да биде запален автомобилот на архитектот се случи евакуирањето на првиот влез од „Скопјанка“ поради застојани употребени пелени. Во расчистување на овој настан се вклучија пожарникарите, полицијата, армијата, а истрага веќе следниот ден најави и Обвинителството.

Маја Илиевска-Пачемска

Би можело да ве интересира

Повторно пламна пожар во фабриката за оружје и муниција АТС АММО во Самоков

Изгоре човек, но и добиток во пожар во населбата Ѓорче Петров

Горан Наумовски

Aнгелов: Сигурен сум дека ќе го локализираме пожарот кај Блаце, но не и дека ќе го изгасиме

Гори шума помеѓу селата Блаце и Чучер, еден крак од пожарот е изгаснат

Горан Наумовски

Голема битка со пожарот кај Блаце, зафатена е голема површина

(ВИДЕО) Ангелов: Причина за пожарот кај Блаце е фрлен отпушок од цигара од возило или намерно потпалување

Горан Наумовски