Започна изградбата на улицата од подрачното училиште „Ванчо Китанов” до центарот на село Црник.
Увид во градежните активности извршија градоначалникот на општина Пехчево, Драган Тренчовски и министерот без ресор Аксел Ахмедовски преку чие министерство се реализира активноста.
Министерот Ахмедовски истакна дека е задоволен што за кратко време со поддршка од општина Пехчево се завршија подготвителните работи за изградба на улицата која повеќе децении им создаваше проблеми на жителите.
– По повеќе години, улицата која е оставена генерациски на милост и немилост, конечно се реконструира. Со огромниот интерес на градоначалникот на Пехчево, ние дадовме приоритет на оваа улица и се решивме веднаш да се зафатиме со нејзина изградба и верувам на задоволство на сите мештани, рече Ахмедовски.
Градоначалникот Тренчовски изрази задоволство што она што се ветило пред жителите денес станува реалност.
– Ние сме задоволни затоа што овие граѓани кои живеат тука, но и тие што поминуваат отсега тоа ќе го прават по уредена улица. Очекуваме за десетина дена да биде готова. Улицата е во должина од 457 метри и е значајна улица за поголем дел од жителите на селото, доста фреквентна, а жителите ја бараа многу години и, еве конечно, најдовме решение со министерот, изјави Тренчовски.
Како што информираа од општината, според договорот со фирмата изведувач „Жикол“ и согласно со динамичкиот план целокупниот проект треба да заврши за 40 дена.
За овој период освен реконструкција на горниот слој од коловозната конструкција, со нов асфалтен слој и крпење на дупки, предвидено е и поставување на каналетки на дел од улицата за одвод на водата.
Проектот се реализира со средства во висина од два милиони и 320 илјади денари обезбедени од Министерството за транспорт и врски со одлука за распределба на средства од Буџетот на Република Македонија за 2018 година за поддршка на имплементација на декадата и Стратегијата на Ромите, преку Акциониот план за Ромите во општина Пехчево.