Растот на платите и проектите за локален развој беа една од темите во фокус на денешната средба на министерот за финансии Драган Тевдовски со граѓаните и стопанствениците во Демир Хисар.
– Ја зголемивме минималната плата на 12 илјади денари. Ги зголемивме платите за пет проценти во образованието и здравството. За 10 проценти се зголеми платата на припадниците на АРМ. Направивме целосна системска реформа за социјална и детска заштита која треба да ги извлече граѓаните од сиромаштија. Со влезот во ЕУ и НАТО животниот стандард значително ќе се подобри. Ќе се обезбедат поголеми фондови за патишта, за образование, за болници“, порача Тевдовски.
Тевдовски информира дека ќе започне изградбата на патот Битола – Демир Хисар, а ќе се објави и тендер за проектирање на експресен пат Битола – Меџитлија.
– Преку проектот за подобрување на општинските услуги на Светска Банка изграден е и локален пат Обедник – Смилево до манастирот. Со изградбата на патот се подобрува локалната економија. Им се помогна на 500 жители кои собираат шумски плодови. Се зголеми и локалниот тузирам. Сега 1.500 посетители на манастирот имаат полесен пристап. Преку МСИП проектот во финална фаза е постапката за одобрување за набавка на 4 минибуси за превоз на ученици, рече Тевдовски.