Кукан и Флекенштајн: Не размислуваме за план Б, очекуваме позитивен исход од референдумот

Од:

Европарламентарците Кнут Флекенштајн и Едуард Кукан денеска во Скопје им порачаа на граѓаните да кажат „да“ на претстојниот референдум, нагласувајќи оти од тоа зависи европската интеграција на земјата. Тие денеска на прес-конференција во Скопје напоменаа дека спорот е препрека за интеграцијата на земјата, бидејќи одлуките во Унијата се носат консезуално.

– Ако не се надмине спорот со Грција тоа значи дека и во иднина ќе го имаме истиот проблем. Знаете дека сите земји-членки треба да се согласат за да се донесе одлука. Имавте спор со Грција, сега постои можност тој да биде конечно решен и ќе бидеме многу задоволни ако тоа се случи. Ќе биде послесно за сите, да се забрзаат работите и затоа барам да кажете „да“, рече Флекенштајн, одговарајќи на новинарско прашање на што доколку референдумот не успее.

Кукан осврнувајќи се на истото прашање рече дека не размислуваат на план Б.

– Не размислуваме за план Б. Размислуваме за план А, дека резултатот од референдумот ќе биде позитивен и ќе го отвори патот на Македонија кон ЕУ, се надоврза Кукан.

Двајцата европарламентарците претстојниот референдум го означија како историски момент, со кој се отвора можноста позитивно да се влијае врз европските и евроатлатнските аспирации на Македонија.

– Граѓаните да земат учество на референдумот и да го искористат своето право да гласаат поради важноста што ја има овој референдум, рече Кукан и додаде тие имаат целосно право да бидат информирани за тоа какво влијание ќе има нивниот глас.

Кукан нагласи оти уставно право на секој граѓанин е како ќе се изјасни и додаде дека одлуката е на граѓаните на Македонија.

Флекенштајн истакна дека исходот од референдумот ќе ја одреди иднината на земјата, на граѓаните, семејствата, идните генерации.

– Ве замолувам одете и гласајте, не кажувајте дека не ви е грижа. По 27 години имате шанса следната година да почнете преговори со ЕУ, нагласи тој.

Кукан напомена дека освен референдумот за интегрирањето во ЕУ Македонија мора да испорача и видливи резултати, со што на Европската комисија ќе и се овозможи да препорача датум за почеток на преговорите.

– Општите правила важат за сите, за секоја земја-кандидат и вообичаено заклучоците секогаш се темелат на реалните резултати, кои ги испорачува земјата. Во последната одлука на Европскиот совет се вели дека Македонија и Албанија добро напредуваат и доколку продолжи ваквиот развој на настаните сметаме дека во јуни следната година ЕС може да донесе позитивна одлука, нагласи Кукан.

Тој всушнот одговори на новинарско прашање во врска со тоа дали претстојните избори за Европскиот парламент, во мај следната година би влијаеле врз одлуката за почеток на преговорите.

– Сметам дека тоа нема драстично да влијае на идните случувања. Идните заклучоци ќе се темелат на тоа како вие ќе ги исполните вашите домашни задачи, додаде тој.

Флекенштајн се надоврза дека референдумот е важен, но оти реформите се исто така мошне битни.

– Сакаме да го забрзаме процесот и тоа значи оваа Влада треба да испорача реформи, од друга страна потребно е и ние да ја сработиме нашата домашна работа, да ја реформираме ЕУ. И нашите гласачи се плашат дека Унијата нема да може да функционира со уште членки, доколку не се реформира. И ние треба да се подготвите за заедничката иднина, додаде тој.

Европарламентарците изразија задоволство од подготвеноста за учество во процесот Жан Моне од страна на сите парламентарно претставени политички партии. Посочија дека следната рунда на дијалогот е планирана за декември и јануари.

Би можело да ве интересира

На референдумот во Еквадор беа изгласани мерки за борба против криминалните банди

Ирска на референдумот одлучува за уставната идеја за семејството и улогата на жената во домот

Пет години од референдумот за Договорот со Грција

Словачкиот референдум не успеа поради слабата излезност

Џафери не ја добил референдумската иницијатива за францускиот предлог: Ќе ви кажам кога ќе одговорам

Кристијан Ландов

Нема да има референдум, Џафери го одби Мицкоски

Ана Ололовска