Бизнисменот Минчо Јорданов на денешното рочиште рече дека на новинарот Зоран Божиновски му дал 5 илјади евра за истражување и набавка на информации од неколку компании за кои Јорданов бил заинтересиран да ги откупи, а новинарот иако не завршил никаква работа му побарал уште пари велејќи дека вложил голем труд во истражувањето на сопствеништвото и соработниците на фирмите.
– Потребни ми беа податоци за фирмите, беше време на приватизација и бев заинтересиран за одредени фирми и нивните соработници. Ми го посочија Божиновски како човек кој врши истражување и анализи, не се сеќавам кој ми го кажа, најверојатно некој мој пријател. Веднаш му дадов 5 илјади евра, но по 3 месеци без никакви резултати се сретнавме во една кафеана каде му кажав дека сакам да прекине нашата соработка, а тој ми побара да му доплатам уште пари, вели Јорданов.
Оваа соработка за која Јорданов и Божиновски немаат потпишано никаков договор, како што вели Јорданов, се случила по 2010 година.
Откако била прекината соработката, по раскажувањето на Јорданов, Божиновски на својот портал почнал да објавува невистини и афери за Јорданов меѓу кои и аферата за нелегална продажба на органи.
Виктор Јованов