Иран испрати во вселената мајмун во капсула, кој се врати жив и здрав, меѓутоа на фотографиите пред и по лансирањето се гледа дека станува збор за два различни мајмуни, па денес кредибилитетот на целиот вселенски потфат се доведува во прашање, пренесуваат агенциите.
Голем број на експерти, кои ги виделе официјалните фотографии, пред и по слетувањето на капсулата, забележале голем број на нелогичности.
Иранските медиуми на 28 јануари објавија фотографии од мајмунот наречен Pisgham пред полетувањето, на кои се гледа дека тој има сиво влакно и брадавица над десното око. Агенција ИСНА, подоцна објави фотографии од претставувањето на мајмунот пред новинарите по слетувањето, каде што овој има потемни влакна и нема брадавица.
Се верува дека или мајмунот угинал, или воопшто не дошло до мисија. Коментарите на Фејсбук денеска се, покрај другото и иронични: Мајмунот отиде во вселената и се сретна со лекарот кој му ја отстрани брадавицата.
Капсулата „Pisgham“ со мајмунот лансирана е на височина од 120 километри. Иранските власти не одговорија директно на забележаната разлика за која се пишува на интернет вечерва.
Две веб-страници блиски на режимот, соопштија, не наведувајќи го изворот, дека фотографиите од мајмунот кои им се дадени на медиумите пред лансирањето, биле архивски снимки од неуспешното лансирање во 2011 година.
Мајмунот, кој беше претставен пред новинарите по слетувањето на капсулата, успешно ја заврши мисијата, наведуваат двата сајта.
Ниеден ирански сајт не дава објаснување зошто им е дадена фотографија од архива на медиумите.
Иран во февруари 2010 година, прв пат лансираше капсула во орбита со живи организми, меѓу кои имаше глувци, желки и глисти, со помош на ракетата-носач “Kavoshgar-3”.