Шефот на албанската држава, Илир Мета, денеска ќе оствари официјална посета на Ватикан, каде на посебна аудиенција ќе биде примен од Папата Франциско.
Пред средбата со Папата, Мета во интервју за италијанскиот весник „Ил Месаџеро“ зборуваше и за посебното внимание што Папата го посветува за Албанија.
– Ние сме му многу благодарни на Папата за посебното внимание кое го посветува за Албанија и за поддршката на нашиот вековен верски соживот. Пред се нашата земја е земја на Светицата Мајка Тереза и на Кардиналот Ернест Симони-Трошани, малтретиран со декади во комунистичките затвори заедно со десетици други, изјавил Мета.
Тој се осврна и на економската соработка со Италија, посочувајќи дека Италија е прв трговски партнер на Албанија.
-Половина од албанскиит извоз се реализира во Италија. Туризмот бележи раст, како и присуството на италијански оператори во овој сектор. Сега ни треба поголема поддршка и иницијатива со цел да ја зголемиме соработката и благосостојбата на нашите граѓани, оцени Мета.
Исто така, нагласи дека, потребна е поголема соработка во правец на модернизација на инфраструктурата.