Сириската државна телевизија емитуваше снимки од разурнат објект во Дамаск, за кој се тврди дека бил цел на израелски воздушен напад.
На снимката, насловена „Последиците од израелската агресија врз центарот на Дамаск“, се тврди дека објектот бил нападнат од израелски авиони на почетокот на неделава.
По веста на израелски напад врз цели на сириска територија, американски извори сооптиштија дека цел на операцијата биле конвој возила кои пренесувале системи за противвоздушна одбрана од руско производство СА-17, додека сириската Армија тврдеше дека бил нападнат Воениот научно-истражувачки центар во реонот на Џамрија, северозападно од Дамаск, на десетина километри од границата со Либан.
На објавените снимки на сириската телевизија се гледа зграда која нема сериозни структурни разурнувања, како и остатоци од транспортно возило. Според израелските медиуми, оштетеното возило наликува на шасија од рускиот самооден комплекс за противвоздушна одбрана СА-8 Оса.
Либанскиот весник „Ал Мустакбал“ пак објави тврдење на сириската опозиција дека властите во Дамаск сами го уништиле Центарот во Џамрија, стравувајќи да не падне во рацете на бунотвниците.