Општина Центар активно ќе се вклучи во Европската недела на мобилност, која секоја година се одржува традиционално од 16-22 септември.
Мотото на годинешната акција е „Комбинирај и движи се “. Проектот е поддржан од канцеларијата на делегацијата на Европската унија и Министерството за животна средина и просторно планирање.
Манифестацијата ги промовира целите кои треба да се исполнат до 2022 година, а ЕУ ги постави пред земјите членки.
Целите се однесуваат на намалување на емисијата на стакленички гасови, зголемување на енергетската ефикасност и поголемо користење на обновливи извори на енергија.
„Општина Центар, како урбана општина се залага за стимулирање на здрави навики кај сите граѓани, а посебно на учениците и најмалите од градинките, затоа градоначалникот Саша Богдановиќ ги поканува сите жители на општината, меѓу нив и најмалите за да стимулира здрави животни навики кај нив, да дојдат на 21.09.2018 година од 10-12 часот и да учествуваат во настанот „Град без автомобил“. Големото велосипедско дефиле ќе започне од Порта Македонија до Школка во Градски парк, каде ќе се одржи музичка програма“ се наведува во соопштението на општината.
Во сабота на 22.09.2018 година под мотото „Комбинирај и движи се“ ќе се промовира комбиниран превоз велосипед и железница. Велосипедистите ќе патуваат со воз од Железничката станица Лисиче до Ѓорче Петров и ќе возат до центарот на градот на улица Димитрие Чупоски.
На 22 септември, Светскиот ден на автомобили повеќе од 1500 градови во светот ќе затворат една или неколку улици за автомобилски сообраќај, а ќе ги отворат за активности на граѓаните. Придружувајќи се и подржувајќи ја акцијата, општината Центар на 22 септември од 10-24 часот ќе ја затвори улицата Боемска 2 за сообраќај со цел децата да можат да играат слободно и безбедно на улицата, а улицата ќе биде отворена за различни активности.