Општина Василево заврши со асфалтирање на улица во населеното место Василево. Улицата е долга околу 100 метри, а широка четири метри. За нејзината изградба се потрошени околу 500 илјади денари, обезбедени од општинскиот Буџет.
– Ова е последната од трите улици за кои согласно постапката за јавна набавка, општината имаше потпишано договор за нивна изградба со штипската фирма „Бони Интерградба“. Во претходните неколку денови, како дел од овој договор, беа асфалтирани улици во селата Седларци и Нова Маала. Вкупниот буџет за овие три улици, за кои средства успеавме да обезбедиме од сопствени приходи, изнесува околу 2 милиони денари, изјави градоначалникот на општина Василево Марјан Јанев, кој денеска беше на терен и присуствуваше на асфалтирањето на улицата во Василево.
Тој додаде дека граѓаните заслужуваат подобри услови во своите населени места, а општината е тука за да ги реализира нивните барања и потреби.