Хина – Загреб
Бродот кој зад себе влече долги пластични цевки исполнети со воздух, чија цел е да ги „исчисти“ океаните од пластичниот отпад, исплови од Сан Франциско на пробно патување пред да ја продолжи пловидбата кон огромниот куп отпад (ГПГП) во Тихиот Океан, кој се простира на речиси милион квадратни километри.
Цел на амбициозниот проект кој се одвива под надзор на холандската непрофитна организација Оушн Клинап (Ocean Cleanup) е во претстојните пет години да испразни половина од ГПГП (The Great Pаcific Garbage Patch) или околу 40 илјади тони.
Океонографот и автор на проектот Лорен Лебретон потврди дека во купот тихоокеански отпад има околу 80 илјади тони смет.
– По петгодишните подготовки и извршени експерименти ова е кулминација на нашите напоири, изјави 24-годишниот Бојан Слат, Холанѓанин од хрватско потекло, кој го осмисли системот за чистење. Тој е основач и директор на Оушн Клинап.
Тој истакна дека тоа ќе биде прв обид за чистење на купот смет откриен во 1997 година, во кој според проценките има дури 1,8 трилиони парчиња пластичен отпад. Во најголем дел станува збор за отпад кој во морињата стигнува од реките, но и рибарска и наутичка опрема како делови од мрежи и јажиња. Куповите отпад, вели Лебретон, таму се собираат уште од 50-тите години од минатиот век.
Како функционира системот?
Бродот „Маерск Ланчер“ зад себе влече големи цевки исполнети со воздух и долги околу 600 метри, што претставува досега најголемата направена бариера на морска површина, наречена Систем 001.
Змијоликата бариера ќе се формира во форма на потковица и слободно ќе плута, носена од морските струи и ветришта. На цевките, во длабочина е прикачена преграда долга околу три метра, па отпадот ќе се задржува во „потковицата“, а рибите и останатите морски животни ќе можат непречено да пливаат во океанот.
Откако отпадот ќе се „згусне“ во компактна маса, по него ќе дојде брод кој ќе го собере и ќе го однесе на рециклирање. Бродовите би требало собраниот отпад да го одвезуваат секои шест до осум недели.
Во морињата во светот годишно се фрлаат осум милиони тони пластика
Пластичните предмети годишно убиваат и до сто илјади китови, делфини и фоки, кои ги голтаат мислејќи дека се храна. Во последно време, се почесто се пронаоѓаат мртви птици чии желудници се полни со пластика.
Морските суштества и птици често ја јадат отфрлената пластика. Некои се запетлуваат во мрежите од кои не можат да побегнат, па често се задушуваат. Секоја година во морињата ширум светот се фрлаат околу осум милиони тони пластика.
– Сакаме да се увериме во тоа дека сето ова ќе функционира и оти за неколку месеци ќе ги видиме првите парчиња пластичен отпад во пристаништата, што ќе значи дека технологијата е исправна, изјави Слат. Тој додава дека успехот на пробното возење ќе значи дека во блиско време, за чистење на океаните ќе може да се испрати цела флота со 60-тина системи за чистење.