Скопска Апелација го чека одговорот на жалбата на Обвинителството за организиран криминал и корупција доставен до Вишото јавно обвинителство за да закаже термин за седница по жалбата за пресудата за премиерот Зоран Заев во случајот „Поткуп“, потврдуваат од судот за „Макфакс“.
Скопскиот кривичен суд донесе ослободителна пресуда за премиерот Зоран Заев во случајот „Поткуп“ во мај годинава. Месец и пол подоцна, Обвинителството испратило жалба на пресудата, која била примена на 13 јули во Основниот суд Скопје 1. По комплетирањето на предметот, на 27 јули списите биле испратени во Апелација. Оттаму судот го доставил предметот на мислење до Вишото јавно обвинителство.
Обвинителката Валентина Бислимовска во завршниот збор направи измена на обвинението и предложи наместо за примање поткуп, за што беше предвидена казна затвор од над пет години, премиерот да биде гонет за обидот да земе поткуп, како градоначалник на Струмица.
Бислимовска тогаш нагласи дека сведокот Иван Николов Сачевалиев во исказот бил дециден дека не му дал пари на Заев и дека тој како градоначалник не примил подарок. Со преквалификацијата на делото, отпаднаа посебните истражни мерки за Заев кои ги предложи Обвинителството.
Васко Маглешов