Благодарение на чиста случајност и со малку “помош” на еден крадец, француската полиција успеа денеска да уапси еден од главните корзикански гангстери.
Како што пренесува АФП, неколку минути откако 40-годишниот мафијаш, познат по прекарот Рашид Корзиканецот, го паркирал автомобилот во близина на Елисејската палата, полицијата го уапсила крадецот кој се обидувал да го украде скапоцениот автомобил.
Она што на прв поглед изгледало како обично кривично дело се претворило во првокласно апсење, кога полицијата во автомобилот пронашла неколку парчиња оружје.
Кај сопственикот на автомобилот, кој набрзо се појавил, полицијата пронашла уште едно оружје, а претресот на неговиот стан во Париз доведе до откривање на цел арсенал.
Рашид и неговиот соработник, сопственик на корзикански вински бар на Елисејските полиња, задржени се во притвор.
Обвинителот бара против нив да биде покренато обвинение за поседување на оружје и експлозиви и членство во организирана криминална банда.