Денес градоначалникот на Општина Кисела Вода Филип Темелковски во Министерството за финансии на Република Македонија со министерот за финансии Драган Тевдовски и директорот на канцеларијата на Светска банка во Македонија Марко Мантованели потпиша договор за финансирање на општинската инфраструктура преку Проектот за подобрување на општинските услови.
Со потпишувањето на овој договор ќе се реализира проект преку кој Општина Кисела Вода на улиците во населбата Пржино ќе изгради атмосферска канализација во должина од 5200 метри, изградба од која подобрени услови за живот ќе имаат околу 3500 жители на општината.
– Големо е моето задоволство што денес започнува имплементацијата на проект кој значи значително подобрување на условите за живеење за околу 3500 жители на Општина Кисела Вода. Преку Проектот за подобрување на општинските услуги, започнува изградба на атмосферска канализација за улиците во населбата Пржино во вкупна должина од околу 5200м. Во последните 50-тина години во оваа урбана заедница не постоеше систем за управување со атмосферски води, што често пати резултираше со негативни последици врз животната средина, не само во Пржино, како висока централна област на падините на Водно, туку и во ниските зони на општината каде што завршуваше атмосферската вода за време на дождовни периоди. Токму затоа, од мое лично име и од име на сите жители на Општината сакам да се заблагодарам на носителите на Проектот за подобрување на општинските услуги, на Министерството за финансии на Република Македонија, на Светската банка во Скопје, како и на сите кои активно ќе земат учество во реализацијата на овој проект кој значи долгорочно решение на еден долгогодишен проблем – изјави градоначалникот на Општина Кисела Вода Филип Темелковски
Имено, Проектот за подобрување на општинските услуги го спроведува Министерството за финансии, со поддршка на Светска банка, како и на Европската унија преку ИПА.