(ВИДЕО) Поплава во Тафталиџе: Се чувствуваме како во Стајковци за време на поплавите

Од:

Третпат во десет дена половина од населбите Козле и Тафталиџе 2 немаат вода поради пукната цевка. Дефектот настанал откако се приклучил нов објект на старата водоводна мрежа, чии цевки не го издржале притисокот.

Откако вчера повторно пукнала истата цевка, се поплавиле дворовите и подрумите на локалните жители со што е причинета материјална штета за која никој не презема обврска да ја надомести, вели Игор Апостолски, кој живее веднаш до новата зграда.

ЈП „Водовод и канализација“ грешката ја гледа во приватната фирма што го градела објектот. Од фирмата „Формлад“ велат дека сè извршиле според процедурите.

„Се чувствувам како во поплавата што беше во Стајковци, а ова е во сред Тафталиџе. Проблемот е што нестручни луѓе од приватна компанија добиле дозвола од ‘Водовод’ да се приклучат. Поради нестручност, цевката нон-стоп пука. Објаснувањето е кревање раменици од сите страни, ние бараме кој е виновникот, каде да се обратиме. ‘Водовод’ вели дека треба да се обратиме во приватната фирма што го изведува, приватната фирма вика дека треба во водовод бидејќи тоа е нивна надлежност и не можеме да дојдеме до заклучок кој е виновникот“, вели Игор Апостолски, чиј двор бил поплавен.

ЈП „Водовод и канализација“ тврди дека фирмата „Формлад“ нестручно постапила при затрупувањето на цевката каде што се наоѓа приклучокот. Според нив, од тежината на земјата дошло до прекршување на цевката. На обвинувањата, од фирмата „Формлад“ велат дека проблемот е во цевката, која е премногу слаба да го издржи притисокот.

„Не е точно дека грешката е кај нас. Затрупувањето е направено по нивни насоки. Сè е направено како што е наложено од ‘Водовод’. Ние се понудивме да ја надоместиме штетата на соседот, но тој не сакаше. Тој рече дека ќе го тужи ‘Водовод’. Ние стоиме на располагање. Притоа, освен овој приклучок, направени се и други два на истата цевка со кои нема проблем. Како може да нема таму проблем, а тука да има? Ние побаравме тие да го изведат целиот приклучок, но тие одбија. Наспротив тврдењата на “Водовод“, уверуваме дека цевката е потпрена од долната страна според нивните насоки, притоа е одобрено од нив. Затрупувањето беше постепено во мали слоеви, а не од еднаш како што тврдат од претпријатието“, вели Виктор Јовановски од фирмата „Формлад“.

Цевката ќе биде санирана до крајот на денот, најавија од „Водовод“. Со оглед дека третпат во десет дена овие две населби остануваат без вода, а јавното претпријатие ја санира цевката на ист начин како претходниот, жителите се сомневаат дека ова е долгорочно решение. Апостолски вели дека кога се вратил дома, видел 20 сантими кал во дворот, а се сомнева во тоа дека цевката нема да пукне и по третпат.

Кристијан Ландов

Би можело да ве интересира

Важно откритие на научниците: Пронајден доказ за постоење на вода на Марс, сместена длабоко во кората

Повлечена вода од хрватскиот пазар испорачана во соседството

Загубите на вода во државава 62-63 отсто, меѓу највисоките во регионот

Водовод го избриша известувањето дека нема да има вода во Скопје-било лага на неовластени лица

А1он

Подгответе се навреме: Утре речиси цело Скопје без вода или со слаб притисок

А1он

Дел од булевар „АСНОМ“ утре без вода

А1он