Словенечката Влада денеска не го потврди текстот на меморандумот за словонечко-хрватскиот граничен спор, кој Љубљана мора до 11 февруари да го стави на увид во Постојаниот арбитражен суд во Хаг.
Владата побара од Парламентот за тоа прашање да расправа на 4 февруари и да одлучи каква треба да биде конечната форма на тој документ.
Премиерот Јанез Јанша потврди дека Владата разгледувала два предлога за меморандум за арбитража и оценила дека предлогот на МНР треба да биде „значително изменет“.
Тој прецизира дека таквото префрлање на надлежноста врз Парламентот е „чисто формално“, бидејќи оваа институција во 2009 година усвоила резолуција за заштита на словенечките национални интереси кои Владата „не може да ги заобиколи“.
Јанша претходно потврди дека словенечките аргументи за докажување на предметот за граничниот спор не се добро подготвени, додека шефот на словенечката дипломатија Карл Ерјавец тврди дека Словенија е добро подготвена за арбитража и со меморандумот е се во ред.