Македонскиот претставник во ЕХФ купот тимот на ЖРК Вардар СЦБТ утре во 17 часот во СЦ „Борис Трајковски“ го игра првиот натпревар од осминафиналето на ЕХФ купот. Противник на „црвено-црните“ ќе им биде руската екипа Кубан Краснодар.
Овој состав во претходното коло ја елиминираше романската екипа Дунареа со вкупен резултат 52:51.
– Добро го познаваме противникот и направивме добра анализа, но ниту еден резултат не дава сигурност дека ќе се пласираме во следното коло. Ако сакаме да ја минеме руската екипа мора да одиграме два добри натпревара. Во секој натпревар ќе играме на победа, истакна тренерот на ЖРК Вардар СЦБТ Индира Кастартовиќ.
Првиот голман на тимот руската интернационалка Ина Суслина имаше свое видување за ривалот.
– Овој тим е во рангот на најдобрите од Русија, заедно со Звезда, Ростов, Динамо, но ако ние прикажеме 50% од тоа што го остваруваме на тренинзите ќе дојдеме до позитивен резултат.
Кубан во сезоните 2009 и 2010 во ова натпреварување играше во четвртфиналето, а во 2000 година беше финалист во купот на куповите.
Екипата од Русија веќе се наоѓа во Скопје, а влезот за утрешниот натпревар во СЦ „Борис Трајковски“ е слободен.