Комисијата за хартии од вредност на Република Македонија во својата цврста определба за поттикнување на развојот на пазарот на хартии од вредност, се препознава како еден од главните учесници во тој процес. Комисијата вложува особени напори во своето работење за реализација на активности кои придонесуваат за развој на пазарот на хартии од вредност, и во таа насока ја идентификува и научно-истражувачката дејност, преку која очекува да го зголеми интересот за истражување во оваа област, како и да ја охрабри младата популација (студентите) да даде придонес во овој процес.
За таа цел, Комисијата за хартии од вредност на Република Македонија, распишува конкурс за:
1. Есеј – осврт на тема: „Влијанието и придобивките на приклучување кон евроатлантските организации врз работењето на пазарите на хартии од вредност“
2. Научно истражување – труд со оригинални научни резултати на тема: „Влијанието и придобивките на приклучување кон евроатлантските организации врз работењето на пазарите на хартии од вредност“
1) Есејот не смее да надминува 8.000 карактери, вклучувајќи ги празните места (но без апстрактот, фуснотите, графиконите, табелите и библиографијата) во фонт Times New Roman, 12pt, единечен проред и препорачливо е да ги содржи следните основни делови:
– апстракт;
– вовед;
– осврт кон македонскиот пазар на хартии од вредност и влијанието на приклучувањето кон ЕУ и НАТО врз работењето на македонскиот пазар на хартии од вредност;
– заклучни согледувања и предлози и
– библиографија.
2) Научно-истражувачкиот труд не смее да надминува 20.000 карактери, вклучувајќи ги и празните места (без апстрактот, фуснотите, прилозите, графиконите, табелите, библиографијата и анексите), во фонт Times New Roman, 12pt, единечен проред и препорачливо е да ги содржи следните основни делови:
– апстракт;
– осврт на релевантната литература за детерминатите на развојот на пазарите на хартии од вредност;
– опис на состојбите пред и по зачленувањето во ЕУ или НАТО на земјата која се обработува;
– осврт кон македонскиот пазар на хартии од вредност;
– заклучни согледувања и предлози за развој на македонскиот пазар на хартии од вредност и
– библиографија.
Право на учество на конкурсот имаат сите државјани на Република Македонија, без ограничување на бројот на автори*. Вработените во Комисијата и Комисионерите немаат право на учество. Еден автор има право да поднесе само еден самостоен труд. Трудовите изработени во коавторство се прифатливи.
На конкурсот за најдобро научно истражување – труд авторите имаат право да конкурираат и со веќе објавени трудови во текот на 2018 година. При поднесувањето на трудот, авторот треба да наведе кога и каде бил објавен трудот.
Трудовите се поднесуваат на македонски, албански или на англиски јазик.
При поднесувањето на трудот, авторот треба да достави и изјава за оригиналноста на трудот, како и согласност за објавување на истиот. Трудовите се поднесуваат до Комисијата за хартии од вредност на РМ со назнака: „Конкурс за научно-истражувачки труд“, по електронски пат, во „Word” формат на е-адресата: [email protected]
Одлуката за избор на најдобар есеј/ научно-истражувачки труд ја носи посебна Комисија формирана за таа цел во рамки на Комисијата за хартии од вредност, составена од 5 члена.
Краен рок за доставување на трудовите е 23 септември 2018 година.
Комисијата за хартии од вредност на Република Македонија како награда за најдобар есеј доделува Благодарница за придонес и учество на една обука по избор на добитникот – обука за инвестициони советници или обука за работа со хартии од вредност (во вредност до 25.000 денари).
Комисијата за хартии од вредност на Република Македонија како награда за најдобро научно истражување – труд доделува Благодарница за придонес и парична награда во вредност од 30.000,00 денари.
Наградата за најдобар автор/и на есеј/ научно-истражувачки труд ќе биде доделена на настан организиран од страна на Комисијата за хартии од вредност на Република Македонија на ден 27 септември 2018 година. Сите пријавени трудови ќе бидат презентирани на посебен настан кој ќе биде организиран од страна на Комисијата за хартии од вредност на Република Македонија.
*во случај наградениот есеј/труд да има повеќе автори, секој од авторите ќе добие Благодарница за придонес, а паричната награда за научно-истражувачкиот труд ќе биде распределена рамномерно, додека за најдобриот есеј секој од авторите ќе биде награден со обука по избор и Благодарница за придонес.