Царинските службеници од граничниот премин Табановце, спречија нов инвентивен обид за шверц на марихуана. Овој пат станува збор за два килограми, пронајдени во внатрешноста на перница за спиење, ставена во торба.
На 29.01.2013 година околу 11:15h, за излез од Република Македонија на граничниот премин Табановце се пријавил автобус со македонски регистарски таблички кој сообраќал на линија Охрид-Хамбург-Охрид.
Пред започнување на царинскиот преглед, возачите на автобусот им посочиле на цариниците да обрнат внимание на една спортска торба (ранец), сместена во багажниот простор. Возачите споменале дека сопственикот на торбата, иако ја сместил во багажниот простор, не се качил во автобусот. Тие забележале дека сопственикот на торбата не е во автобусот кога ја направиле последната проверка, споредувајќи го бројот на патниците присутни во автобусот со бројот на патниците наведен во списокот на патници.
При преглед на внатрешниот дел на торбата сопственост на осомничениот А.Ј., царинските службеници пронашле перница за спиење наполнета со синтетички памук, на која забележале рачно сошиен раб. По расшивање на работ и отстранување на дел од синтетичкиот памук, пронајдена е најлонска кеса со две пакувања со тежина од по 1 килограм опојна дрога марихуана.
Марихуаната заедно со торбицата беа предадени на инспектори од Одделението за истраги заради превземање на понатамошни предистажни дејстивја.
Осомничениот, кој е во бегство, им е добро познат на органите за прогон и против него претходно се поднесени повеќе кривични пријави за разбојништва и кражби. Марихуаната требало да заврши на германскиот нарко пазар.