На традиционалното читање „Ноќи без интерпункција“ за најдобра песна прочитана од македонски автор наградата ЕНХАЛОН отиде во рацете на поетот од Струмица, Митко Гогов.
Наградата „Енхалон“ е востановена во 2012 година како награда за најдобра песна од млад автор од Република Македонија прочитана на фестивалот. Во историјата на фестивалот неколку пати била доделувана награда за песна, па дури и најголемата, „Златен венец“ на почетокот се доделува за песна. Наградата „Енхалон“ има за цел да го поттикне поетското творештво на младите творци.
Своето симболично, многузначно име го добива по античкото име на градот Струга – Енхалон, кое значи јагула, со алузија и на патот и враќањето на младите јагули во водите на Охридското езеро преку реката Црн Дрим, симболизирајќи ја во овој контекст обновата и развојот на поезијата.
Жири комисијата за наградата Енхалон, која се доделува за најдобра песна прочитана на „Ноќи без интерпункција“ на 57-те Струшки вечери на поезијата, во состав: Жарко Кујунџиски (претстедател), Ѓоко Здравески и Јосип Коцев (членови) ја донесе следнава одлука: од пристигнатите 17 песни од 12 автори, едногласно да ја додели наградата на песната „Само малку молитва“ од Митко Гогов.
Песната „Само малку молитва“ се одликува со згусната поетска форма, ритмичност, кондензирани надреални слики кои градат заокружена целина. Оваа песна носи со себе изразен авторски белег, препознатлив за поетиката на Митко Гогов, со цврста структура во која секој збор е еднакво важен и поставен на вистинското место. Лирскиот субјект комуницирајќи со својот внатрешен свет активно учествува во космичката игра, каде што се преплетуваат ониричното и стварното. Токму поради тоа, и покрај силната конкуренција, жири комисијата одлучи дека песната „Само малку молитва“ во целост ја заслужува наградата Енхалон.
Годинава на Струшките вечери на поезијата учесвство зедоа 30 поети од исто толку земји во светот, како и 50 поети од Македонија. Лауреат на фестивалот и добитник на наградата „Златен венец“ годинава е Адам Загајевски од Полска, Паули Тапио од Финска ја понесе наградата „Мостови на Струга“, а добитник на наградата „Браќа Миладиновци“ е Зоран Анчевски.