Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) до 5 септември треба да ги донесе правилата за снабдување со електрична енергија што ќе важат од 1 јануари идната година, односно по целосната либерализација на пазарот.
– Во правилата за снабдување со електрична енергија на јасен и недвосмислен начин ќе им дадеме обврска на снабдувачите кога ќе потпишуваат договри со потрошувачите, и на слободниот и на регулираниот пазар, да немаат делови од договорите кои ќе бидат напишани со ситни букви и кои нема да бидат јасни за потрошувачите со цел тие да знаат кои се нивните права и обврски. Со правилата дури пропишуваме што треба да содржи договорот за снабдување со електрична енергија склучен помеѓу снабдувачот и потрошувачот, изјави претседателот на РКЕ Марко Бислимовски пред почетокот на денешната подготвителна седница на Комисијата.
Тој посочи дека согласно обврските од новиот Закон за енергетика РКЕ со правилата за снабдување во најголем дел е сконцентрирана на правата на потрошувачите и зајакнувањето на обврските на операторите на мрежата и на снабдувачите со електрична енергија кон потрошувачите.
– Имаме посебен член што се однесува на нечесни одредби во договорите со цел да ги заштитиме правата на потрошувачите. Покрај тоа, имаме одредби со кои се забранува да им се исклучи електричната енергија во зимскиот период на ранливите категории на потрошувачи, како и потрошувачите во одалечените реони да имаат исти права со останатите потрошувачи. Предвидуваме снабдувачите со електрична енергија да им понудат повеќе начини за плаќање на сметките на потрошувачите, односно и електронско плаќање, и да имаат повеќе наплатни пунктови, рече Бислимовски.
Тој додаде дека на снабдувачите им се остава слобода да обезбедат повеќе бенефиции за потрошувачите во делот на плаќањето.
– Секое домаќинство и секој потрошувач, а особено малите потрошувачи имаат право од регулираниот пазар да отидат на слободниот и да се вратат од слободниот на регулираниот пазар на електрична енергија. Рокот е 21 ден, а дали ќе има казнени пенали за тоа, ќе зависи од договорите што ќе ги потпишат со снабдувачите. Досегашната пракса покажува дека нема казнени пенали за домаќинствата, туку се оставаат слободно да одат од регулиран на нерегулиран пазар на електрична енергија. Очекувам на почетокот да има домаќинства кои тоа ќе го прават постојано, но понатаму верувам дека ќе се стабилизира пазарот со електрична енергија како што беше и при либерализацијата на пазарот на мобилната телефонија, рече Бислимовски.
Во Македонија во моментов има околу 600.000 домаќинства кои се потенцијални клиенти на слободниот пазар на електрична енергија. Тие до крајот на ноември или почетокот на декември ќе треба да склучат договори со снабдувачите доколку сакаат да излезат на слободниот пазар на електрична енергија. Доколку останат на регулираниот пазар нема да имаат потреба од склучување на договори, бидејќи по автоматизам ќе ги преземе Универзалниот снабдувач со електрична енергија. РКЕ досега има издадено 23 лиценци за дејноста снабдување со електрична енергија, но во моментов има само осум активни снабдувачи што е најмногу во регионот.
– Верувам дека снабдувачите ќе бидат доволно инвентивни да дадат соодветни понуди со цел да ги привлечат домаќинствата да отидат на слободниот пазар, имајќи во предвид дека цената на регулираниот пазар во овој момент е пониска отколку што би била цената на слободниот пазар на електрична енергија за домаќинствата. Со подзаконската регулатива што ја носиме се обидуваме да испратиме сигнал до снабдувачите со електрична енергија да подготвуваат соодветни понуди за домаќинствата за да ги натераат да излезат на слободниот пазар, рече Бислимовски и додаде дека очекува во првата година на слободниот пазар да излезат од 500 до 1.000 домаќинства.
Забелешки за правилникот, истакна, досега стигнале од ЕВН Македонија АД Скопје како сегашен снабдувач со електрична енергија на тарифни потрошувачи, ЕВН електродистрибуција како дистрибутер на електрична енергија, Операторот на пазарот на електрична енергија, како и од снабдувачите со електрична енергија на слободниот пазар – ЕВН снабдување, ГЕНИ и Енерџи актив.
Најави дека ќе биде прифатена забелешката за договорите за дистрибуција на електрична енергија, бидејќи, како што кажа, ќе има општи правила за користење на дистрибутивната мрежа и нема да треба ЕВН електродистрибуција да потпишува посебен договор со секој потрошувач.