На регулираниот пазар на електрична енергија и по либерализацијата има потреба од евтина тарифа, оцени денеска претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) Марко Бислимовски.
Според него, тоа не значи прекршување на правилата на Енергетската заедница.
– На регулираниот пазар на електрична енергија евтината тарифа ќе остане и по либерализацијата на 1 јануари идната година. На слободниот пазар оставаме на сите снабдувачи на нивната инвентивност да подготват соодветни понуди пред се за домаќинствата, изјави Бислимовски пред почетокот на денешната подготвителна седница на РКЕ.
Тој посочи дека домаќинствата имаат специфична потрошувачка на електрична енергија која е претежно во текот на денот и додаде дека верува оти снабдувачите ќе успеат да дадат соодветни понуди за да бидат атрактивни за нив.
– Очекувањата се дека цената на струјата за домаќинствата по 1 јануари ќе биде пониска на регулираниот отколку на слободниот пазар. Сакаме со евтината тарифа да направиме притисок врз снабдувачите на слободниот пазар да почнат да нудат пониска цена за домаќинствата, потенцира Бислимовски.