Многу непознаници за Референдумот, а роковите течат. Се знае дека Референдум на државно ниво ќе се одржи на 30.септември а прашањето на кое граѓаните ќе треба да се изјаснат е „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на договорот меѓу Република Македонија и Република Грција“.
Јасна е поддршката од меѓународниот фактор за позтивен исход од референдумот и ставот на СДСМ и коалицијата и албанскиот политички блок. За нив позитивниот исход носи иднина за Македонија.
ВМРО-ДПМНЕ се уште молчи дали ќе гласа против или ќе повика на бојкот. Одлуката ќе ја донеле до 10 септември на стартот на кампањата, иако таа е веќе започната, што е дозволено со Законот за референдум. Се знаат и средствата за јавна пропаганда. Но како ќе се поделат 80 милиони денари не се открива.
Владата главно пропагандата ќе ја води преку социјални мрежи, а за чекорите на Собранието ќе одлучува Координативно тело, но кој вид пропаганда и на кој начин, се уште е непознаница и допрва ќе се договара. Ниту ВМРО-ДПМНЕ се уште не го открива ставот како ќе се однесува. Не отидоа на координација кај спикерот Талат Џафери, иако според соопштението сите пратеници имаат право на средства за пропаганда, но пропорционално според тоа каква пропаганда ќе водат за референдумското прашање. Не соопштуваат ниту дали ќе користат од буџетските пари за јавна пропаганда и повластените цени за рекламирање кое Собранието ги добива како овластен предлагач.
Нејаснотиите се поради партиските тактизирања, застарениот и одамна надминат Закон за референдум, донесен пред 13 години, но и тоа што прв пат Законодавниот дом е во улога на овластен предлагач и носител на пропагандата.