Уписите на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип и во Наставниот центар во Струмица започнуваат на 29 август и ќе траат до 3 септември во првиот уписен рок, а новата академска година ќе почне на 1 октовмри, информираше денеска на прес конференција проф.д-р Кирил Барбареев, проректор за настава.
Додаде дека вториот уписен рок на факултетите на Штипскиот универзитет ќе трае од 14 до 17 септември и третиот на 25 септември.
– Во Наставниот центар во Струмица оваа година ќе имаме студиски програми на Правниот факултет и тие се класични правни студии, на Економскиот факултет, на Земјоделскиот факултет, агроменаџмент, градинарство, растителна биотехнологија, Филолошкиот факултет со две студиски програми-англиски и италијански јазик со книжевност, Електротехнички факултет и Машинскиот факултет, истакна проректорот Барбареев.
Тој очекува во Наставниот центар во Струмица да се запишат околу 400 студенти.
Инаку, во изминативе 10 години од постоењето на Универзитетот „Гоце Делчев“ на факултетите во Струмица се запишале две илјади завршени средношколци, а од нив досега студиите ги завршиле 1.200 студенти.