„Додека војниците немаат платен превоз, работат во стари униформи, а нивното мени е се посиромашно, Шекеринска од Буџетот на Министерството за Одбрана дава 1 милион евра за референдумска кампања за разубавување на капитуланскиот договор со Грција.
Условите за работа во Армијата никогаш не биле полоши. Тоа е така затоа што парите наменети за одбраната се трошат за се друга, само не за Армијата“, рече Александар Нацев, ВМРО-ДПМНЕ.
„Илјадници војници од 30-тина населени места во Република Македонија или 16 релации за превоз на војниците од нивното место на живеење до касарните во кои работат со недели немаат организиран превоз. Војниците со недели се снаоѓаат како знаат и умеат и од сопствен џеб ги плаќаат трошоците за превоз.
Дали разбира Шекеринска во каква мака се ставени војниците или од својата канцеларија пиејќи луксузни пијалоци и грицкајќи апетисани набавени и платени со државни пари и воопшто не ја интересира како до своето работно место доаѓаат војниците, кои секогаш мора да бидат во борбена готовност, а не изморени и истоштени да доаѓаат на работа.
Очигледно војската не и е приоритет на Шекеринска. Па затоа наоѓа пари за се само не и за војниците.
Превозот не е единствен проблем на војниците, тие подолг период работат во стари униформи. Шекеринска ветуваше дека ќе набави нови, но сега го поништи тендерот за набавка на над 14.000 униформи, со што ги остава војниците и понатаму со стари излитени униформи. Која е причината поради која е поништен овој тендер и дали се спрема спогодба во четири очи во висина од 750 илјади евра?
Шекеринска не смее да си поигрува со Министерството за одбрана. Ова министерство е едно од највиталните во државата и не смее да биде управувано расипнички и неодговорно.
Со секој поминат ден како СДСМ е на власт одбраната се повеќе се уништува. СДСМ мора да си замине. Државата не смее да биде заложник на СДСМ“, изјави Александар Нацев.