Програмата на 58-мото издание на фестивалот „Охридско лето“ завршува утре со претставата „Илијада“ од Хомер во режија на Јернеј Лоренци, копродукциски проект на Словенечкиот народен театар (СНГ – Словенско народно гледалишче) Драма Љубљана, Цанкарјев дом и Градски театар.
Претставата, која ќе се игра на Антички театар од 21 часот, треба да почне како концертна верзија на една опера, актерите во формална облека ќе седат на столови, раскажувајќи ја крвавата историја на микрофони. Целата изведба е изградена од музика и поетскиот ритам хексаметар, слично како отчукувањата на срцето и одекот на коњскиот кас. Раскажаниот вовед полека прераснува во целосно театарско доживување со универзална нишка препознатливо за целата публика.
Директорот на СНГ театар Игор Самобор, режисерот Јернеј Лоренци и актерската екипа денеска на прес-конференција изразија задоволство што првпат ќе играат на отворено, во автентична атмосфера од Хомеровата „Илијада“ што им ја овозможува амбиентот на охридскиот Антички театар.
– Среќни сме што првпат претставата ќе ја играме во оригинална атмосфера. Секогаш играме во големи сали. Иако е многу интимна претстава, првпат ќе биде во вистински антички театар, но и јужно – до грчката граница, така што сега сме најблиску до оригиналот, рече Самобор.
Според режисерот Лоренци, тесктот на „Илијада“, кој можеби е најголем во Европа па и во светот, во суштина ги открива човечките заблуди и суетата.
– Откако човекот постои, мисли само на себе. Тоа е и клучот дека секој потојано повторува јас, јас, јас… Текстот ја открива најголемата мана на човечкото постоење – суетата. Друга работа е што глумците спротивно од суетата заеднички ја изведуваат претставата, рече Лоренци.
Нагласи дека на досегашните изведби правеле спектакл во визуелна смисла, да изгледа добро за гледање.
Според актерот Матеј Пуц, кој е еден од 12-члената екипа актери во претставата, „Илијада“ е колективно дело и актерите еден од друг црпат енергија.
Останатите актери присутни на прес-конференцијата не сакаа многу да зборуваат за проектот – оставија публиката да ја види претставата и да ги добијат реакциите по изведбата.