Општина Кисела Вода на чело со градоначалникот Филип Темелковски, делумно го поддржа проектот на претходната градоначалничка од ВМРО-ДПМНЕ, Билјана Беличанец Алексиќ – „Програма за поставување спомен-обележја“ со кој е предвидено на територија на општината да се постават 4 споменици во вкупна вредност од 2 милиони и 400 илјади денари.
Градоначалникот на Кисела Вода, Филип Темелковски за А1он/Макфакс вели дека два од четирите споменици морале да бидат поставени бидејќи веќе бил потпишан договор за нив, а евентуалното нивно стопирање би донела многу поголема штета за општината поради пеналите кои следуваат.
-За спомениците на Никола Бадев и Пеце Атанасовски веќе беа потпишни договори и нарачани пред да дојдам јас, поголема штета ќе беше доколку го стопиравме поставувањето на спомениците, вели Темелковски.
Во однос на останатите два споменици кои се уште не се поставени, актуелниот градоначалник вели дека за нив нема никаков договор и поради тоа нема да се постават доколку иницијаторите сами не си го дофинансираат проектот, односно тие да ги платат давачките за поставување и изведба на спомениците.
-Два од спомениците се стопирани, ставени се во програмата, но ќе ги исполниме само доколку иницијаторите сами сакаат да си ги финансираат бидејќи беше приватна иницијатива. Доколку не се финансираат од приватни средства, ние како општина нема да одвоиме дополнителни средства односно да го потрошиме целосниот буџет за тој проект, вели Темелковски.
Проектот стартуваше во 2014 година во мандат на ексградоначалничката Беличанец-Алексиќ, а беше планирано да биде завршен во 2019 година. Спомен обележјата на Никола Бадев и Пеце Атанасовски кои се веќе поставени во паркот „Македонија“ чинат вкупно 1 милион и 200 илјади денари, односно, по 600.000 денари секој.
Во вториот дел од изведбата на проектот е планирано е да се постави споменик на Ангел Димовски, загинат борец од Шпанската граѓанска војна во 1936/37 година како и спомен обележје на Атанасе Јорјица – поранешен жител на Кисела Вода, пејач и борец за правата на Власите.
Споменикот на Ангел Димовски планрано е да биде поставен на аголот меѓу улицата „Божидар Аџија“ и булеварот „Борис Трајковски“, каде постаментот е веќе подготвен, а локацијата за спомен обележјето на Атанасе Јорица е се уште непозната.
Како што велат од општината, изведувачите на двата споменици се избрани по пат на конкурс. Како изведувачи на скулптурата од леана бронза на пејачот Никола Бадев наведени се Елена Рафајловска и Васил Николовски, додека пак зад скулптурата на Пеце Атанасовски, исто така од леана бронза стои потписот на Димитар Филиповски и Сашо Бајрактаров. Изведувачите на останатите две скулптури засега е непознат.
Темелковски вели дека постојат уште неколку проекти започнати од претходната градоначалничка кои не можат да бидат прекинати поради административни работи.
Виктор Јованов